Поранешниот фудбалер на Стандард Лиеж, Белгиецот Касми потпиша двегодишен договор со Брегалница!

Белгиецот Фајсел Касми е најновото засилување на Брегалница за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

26-годишниот Касми, кој е централен играч за врска, е со извонредна фудбалска биографија настапувајќи шест години во белгискиот шампионат во редовите на Лирс, Стандард Лиеж, Жерминал Бершот, Жил и Висе, а во сезоната 2020/2021 беше дел и од бугарскиот прволигаш Черно Море. Неговиот последен клуб е Дофар од Оман, од каде сега доаѓа како големо засилување во Брегалница.

Касми се обврза на двегодишна верност на Брегалница, со договор до јуни 2024 година.

„Доаѓам во Македонија со отворена желба, со сето мое интернационално искуство да допринесам Брегалница да дојде до посакуваните цели и амбиции. Многу слушав за овој клуб пред да дојдам, знам дека има и максимално верни навивачи кои секогаш се со клубот, и за мене навистина ќе биде чест да го носам синиот дрес“ - истакна Касми по промоцијата во дресот на Брегалница.



Низ досегашниот преоден рок Брегалница се засили и со поранешниот македонски репрезентативец Горан Силјановски, долгогодишниот капитен на Борец, фудбалерот од средниот ред Ѓорѓи Ѓорѓиев, левокрилниот дефанзивец Александер Борха Кордоба како и црногорскиот голман Немања Шчекиќ.