Мартин Стојанов со трансфер во бугарскиот прволигаш Септември Софија (ФОТО)

Еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, Мартин Стојанов својата кариера ја продолжува во бугарскиот прволигаш Септември Софија.

По денешните завршени лекарски прегледи во Софија, Стојанов и официјално промовиран во новиот дрес, најавен од бугарскиот клуб како огромно засилување за новата сезона.



Брегалница по меѓусебните преговори со клубот кој во следната сезона ќе биде член на најсилната лига на Бугарија, го договори трансферот на 23-годишниот крилен офанзивец кој за првпат стартува со интернационална кариера. За штипскиот клуб, покрај реализираната финансиска отштета, останува главната определба и за поддршка на кариерите на младите и талентирани фудбалери и дополнителен нивен развој во интерес на македонскиот фудбал.

„Може да го потврдиме трансферот на Мартин Стојанов во Септември Софија, на начин за дополнителен негов фудбалски развој. Кога почнавме со проектот ФК Брегалница една од основните цели и стратегии заедно со сопственикот беше промоцијата на млади фудбалери и потоа нивен трансфер надвор од Македонија. Сето тоа како начин за активен придонес во развојот на нивните кариери, но и секако од интерес и на македонскиот фудбал“ - вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев по завршувањето на трансферот на Мартин Стојанов.



Стојанов зад себе остави одлична сезона во Првата македонска фудбалска лига, и сето тоа сега заокружено со преселба во амбициозниот Септември Софија, транфер кој е реализиран со посредство на агентот Дејан Ивановски. Во својата кариера Мартин Стојанов претходно настапуваше и за Кит Го од Пехчево.