Додев: Одличното издание против Шкупи мотив за позитивен резултат и во Струга

По одличното издание против Шкупи и убедливата победа од 4-1 на домашен терен, фудбалерите на Брегалница денеска силно мотивирани за нов позитивен резултат патуваат во Струга на дуел против Струга ТЛ во 31. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Крилниот офанзивец Дарко Додев кој одигра повеќе од квалитетен натпревар против чаирчани посакува да се продолжи со добрите игри, и со нови бодови да се финишира кон крајот на сезоната во која Брегалница посакува да заврши во Топ 5 екипите во елитното друштво.

„Одигравме одлично против Шкупи за впечатлива победа против шампионот, што само го потврдува нашиот квалитет. Сега сакаме да продолжиме во ист стил, желни за нови победи. Јасно е дека не чека квалитетен противник како Струга ТЛ кој игра одлично на домашен терен. Верувам дека ќе биде тоа допадлив натпревар без некое психолошко оптоварување за двете екипи, но ние секако сакаме триумф за уште една радост на нашите навивачи“ - вели Додев.

Натпреварот во Струга, кој се игра денеска со почеток од 17 часот, ќе го суди Марјан Младеновски од Скопје.