И со два црвени картони за „сините“, Ренова уште еднаш надиграна но повторно се извлече

Фудбалерите на Брегалница и вторпат во пролетниот дел од шампионатот ја надиграа Ренова која повторно се спаси од пораз и во 25. коло од Првата македонска фудбалска лига.

На дуелот кој се одигра на теренот на ФФМ во Скопје, Брегалница имаше предност и од 2-0 против „гипсарите“, но противникот во самиот финиш од мечот дојде до конечни 2-2, благодарение и на повеќе од чудни судиски одлуки. Главниот судија Александар Грујоски од Кичево додели и два престроги црвени картони за избраниците на Илчо Ѓорѓиоски.

А, Брегалница одлично го почна мечот со неколку убави можности на Додев и на Ѓокиќ. Па, откако и Георгиев во 32. минута имаше убава можност но неговиот шут од 6-7 метри беше блокиран во корнер, следеше игра со рака на противниците во шеснаесетник, а Урош Дамњановиќ во 35. минута од пенал донесе предност од 1-0.

Во 45. минута крајно престрога одлука на судијата Грујоски кој му додели втор жолт картон на Додев поради обид да изнуди удар од белата точка.



Но, и со играч помалку, Брегалница во 59. минута по одличната акција на Алтипармаковски и Дамњановиќ, со вториот гол на српскиот интернационалец дојде до предност од 2-0.

Кога се чинеше дека мирно ќе биде приведен натпреварот кон крај, во само три минути Ренова дојде до конечните 2-2. Најпрво Шефити постигна еврогол во 77. минута за 1-2, а потоа во 80. минута откако Даниел Мојсов направи пенал, Селмани од 11 метри израмни на 2-2. Но, зачудувачка остана одлуката за црвен картон на Мојсов.

Брегалница со двајца фудбалери помалку на терен и до крајот се обидуваше да дојде до трите бода, со уште две убави можности, но гостинската одбрана успеа успешно да интервенира.

ПМФЛ - 25. коло 
БРЕГАЛНИЦА - РЕНОВА 2-2 (1-0)

Игралиште на ФФМ во Скопје. Главен судија: Александар Грујоски (Кичево). Стрелци: Дамњановиќ 35'(п), 59' (Б) - Шефити 77', Селмани 80'(п) (Р)