Илчо Ѓорѓиоски: Брегалница е еден одличен долгорочен проект кој носи сериозен фудбалски предизвик

ФК Брегалница вистински ја размрда домашната фудбалска сцена со ангажманот на еден од најтрофејните македонски тренери и поранешен претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски кој го прифати предизвикот да биде предводник на амбициозните „сини“.

Како што нагласува по договорот со раководството на Брегалница, за поранешниот освојувач на трофеите во македонскиот шампионат со Македонија ЃП и со Вардар сега ова е нов предизвик кој можеби доаѓа изненадувачки во неочекуван момент.

„Брегалница е еден убав долгорочен проект кој носи сериозен фудбалски предизвик. Да бидам искрен бев навистина изненаден кога дојде понудата од челниците на Брегалница. Беше за мене сето тоа неочекувано, но кога размислив знаев дека оваа Брегалница носи еден нов момент во македонскиот фудбал кој може да биде предизвикувачки“ - вели Ѓорѓиоски, дообјаснувајќи ги причините поради кои ја презема тренерската палка во клубот.

„Основно е тоа што ме привлече размислувањето на првиот човек Кирил Гогов и раководството на Брегалница дека апсолутно ништо во фудбалот не се случува преку ноќ. Брегалница е проект на долги патеки кој оди чекор по чекор. Работата со млади фудбалери, вистинската поставеност на клубот и интенцијата да се создаваат фудбалери кои во иднина ќе бидат дел и од репрезентативните категории и фудбалери кои ќе може да реализираат интернационални кариера се основните темели на тимот кои секако носат сериозен предизвик. Можеби и тренерскиот адреналин повторно си го направи своето, па желбата повторно да се биде директно вклучен во фудбалските случувања беше импулс повеќе да се прифати понудата“.

За Ѓорѓиоски ангажманот во Брегалница не претставува ништо непознато затоа што и сите овие години е добро упатен во сите случувања на домашната фудбалска сцена.

„Апсолутно нема ништо непознато. И сите овие години доволно сум вклучен во активностите на македонската фудбалска сцена. Секако интенцијата е да се создаде вистински конкурентен тим за елитниот фудбал кој ќе постави некои нови нормативи. Брегалница веќе има поставен квалитетен тим, за што зборува и пласманот по есенскиот дел, но секако со некои нови засилувања во тимот желбата е да се биде доволно конкурентен за остварување на сите краткорочни и долгорочни амбиции“ - истакнува Илчо Ѓорѓиоски.