Триумфално освoено Кавадарци за супер-крај на есенскиот дел!

Фудбалерите на Брегалница на најдобар можен начин го завршија есенскиот дел од сезоната по враќањето во Првата македонска фудбалска лига, со триумф на дербито на Истокот на гостувањето против Тиквеш во Кавадарци од 1-3.

Во првиот натпревар од 18. коло, последно во есенскиот дел, „сините“ сосема заслужено дојдоа до триумфот иако домашните први поведоа уште во 16. минута со голот на Ристе Каракамишев по мешаницата пред голот на Денковски, кој беше совладан дури по третиот обид.

Но, избраниците на Марјан Секуловски целосно доминираа и во првото полувреме во Кавадарци и покрај тоа што не дојдоа до израмнување. Мартин Стојанов имаше две одлични шанси, а не успеа да го реализира ударот од белата точка во 43. минута кој Димовски успеа да му го одбрани. Одбиената топка по одбраната на Димовски, Ацковски ја испрати покрај голот. Претходно, пенал беше досуден откако домашниот дефанзивец играше со рака пред својот гол по шутот на Ескиќ.

Но, доминацијата на Брегалница вроди со плод во второто полувреме кога најпрво во 56. минута на 1-1 израмни младинскиот репрезентативец Јован Манев, а во 71. минута по одличната асистенција на Азиновиќ одлично реализираше српскиот интернационалец Милан Ѓокиќ кој донесе 1-2 за „сините“.

Во самиот финиш, и Марјан Алтипармаковски со својот деветти гол сезонава заокружи за конечни 1-3, откако одлично реагираше во мешаницата пред голот на Тиквеш.

ПМФЛ - 18. КОЛО
Тиквеш - БРЕГАЛНИЦА 1-3 (1-0)

Градски стадион во Кавадарци. Стрелци: Каракамишев 16' (Т) - Манев 56', Ѓокиќ 71', Алтипармаковски 90' (Б).