Матеј Георгиев стрелец за репрезентацијата до 18 години, Денковски и Манев незаменливи во селекцијата до 21 година (ФОТО)

Еден од најталентираните фудбалери на Брегалница, Матеј Георгиев одигра повеќе од квалитетен натпревар за македонската репрезентација до 18 години за време на подготовките на селекцијата во Охрид.

Георгиев, кој е и капитен на националниот тим до 18 години, беше стрелец и на еден погодок за репрезентацијата во поразот од сениорскиот тим на Охрид од 2-3. Фудбалерот на Брегалница претходно го одигра целиот натпревар за селекцијата и на тест-дуелот против прволигашот Струга ТЛ.

Љупче Кудев, пак, одигра во финишот на натпреварот за репрезентацијата до 19 година која на квалификацискиот турнир во Албанија за пласман на ЕП денеска загуби од моќната Франција со 2-0, со два погодоци на Французите уште во првите 20 минути од натпреварот.

Давид Денковски и Јован Манев, пак, се незаменливи во првиот тим на младата репрезентација до 21 година која под водство на Драган Канатларовски ги игра квалификациите за пласман на ЕП 2023. Денковски и Манев го одиграа целиот натпревар против Украина на кој надежите одиграа без победник, 1-1, во 5. коло од Групата Ј.