Милан Ѓокиќ донесе триумф против Скопје!

Брегалница, иако со гол во последните минути од средбата, повеќе од заслужено дојде до триумф против Скопје во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига.

„Сините“ низ текот на сите 90 минути на Градскиот стадион во Штип ја контролираа играта. Брегалница надмоќта ја демонстрираше уште во првото полувреме кога во низа се редеа шанси пред голот на скопјани. Но, реализацијата изостана дури и од 11 метри во 38. минута кога Мартин Стојанов од пенал го погоди само дирекот од голот на Скопје.

Сепак, во 45. минута во брз напад, Мартин Стојанов изби по левата страна пред голот на гостите и мајсторски откосо ниско по земја од 15 метри шутираше за водство од 1-0.

Во второто полувреме, и покрај максималната контрола на играта во средниот ред на Брегалница, гостите дојдоа до израмнување по сомнително досуден пенал кој успешно го реализираше Јашароски во 74. минута.

Но, правдата беше постигната во последните минути кога Маневски одлично нафрли, а нововлезениот Милан Ѓокиќ со прекрасен гол со глава од десетина метри мајсторски погоди за конечни 2-1.

Сега следи двонеделна пауза поради активностите на македонските репрезентации, а потоа во 14. коло од ПМФЛ, Брегалница ја очекува пресметката против Шкендија во Тетово на 21. ноември.

ПМФЛ - 13. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Скопје 2-1 (1-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: М. Стојанов 45', Ѓокиќ 90' (Б) - Јашароски 74'(п) (С).