Марјан Секуловски: Ќе биде тежок меч во Битола, но целокупната енергија ја насочуваме за нова победа

Шефот на стручниот штаб, Марјан Секуловски викендов се враќа во својата Битола но утре како предводник на Брегалница на мечот од 11. коло од Првата македонска фудбалска лига против Пелистер.

Јасно е дека „сините“ сезонава согласно очекувањата и посакувањата по враќањето во прволигашкото друштво чекорат во елитата. Но, како што истакнува Секуловски размислуваат единствено од натпревар за натпревар. По претходните две победи сега целиот фокус е единствено на нов позитивен резултат и против Пелистер.

„Не е тајна дека секогаш кај мене ќе има емоции кога е Битола во прашање, но сега како професионалец во фудбалот целокупната енергија ја насочувам за позитивен резултат утре против Пелистер под Тумбе кафе. Всушност сите во екипата се подготвени да го дадам максимумот за продолжување на успешните резултати. Но, не треба да има залажување. Ќе биде тежок натпревар затоа што Пелистер е екипа која согласно квалитетот не го заслужува моменталното место на табелата“ - вели Секуловски.

Брегалница како четвртопласирана ја очекува пресметката со битолчани.

„Воопшто не се оптоваруваме со табелата во моментов и не сакаме да се залетуваме. Напротив, приземно размислуваме само од натпревар на натпревар и така чекориме низ сезоната. Лигата е максимално израмнета и има уште многу да се игра. Наша желба е да бидеме се подобри на секој нареден дуел. Фокусот мора да биде тој“ - истакнува шефот на стручниот штаб на Брегалница.