Триумф во Охрид за пласман во осминафиналето од Купот на Македонија

Брегалница обезбеди пласман во осминафиналето од Купот на Македонија откако во 1/16-финалната пресметка против амбициозниот второлигаш Воска Спорт славеше со 0-1. Стрелец на победничкиот гол за „сините“ на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид беше Дарко Додев уште во 7. минута од средбата.

Брегалница агресивно го почна мечот со отворени атаци кон противничкиот гол, па сето тоа веднаш вроди со плод уште во 7. минута. Бакречески убав од десната страна нафрли на вториот дирек каде Додев мајсторски шутираше откосо од десеттина метри под гредата од голот на домашните.

Во продолжението низ главно игра на средината од теренот, „сините“ креаираа уште неколку полушанси кои останаа неискористени. Фудбалерите на Воска Спорт, пак, најголемата шанса ја имаа преку Јакимовски во 41. минута кога со волеј удар ја погоди гредата од голот на Денковски.

Во второто полувреме главно низ рутинска игра се одржуваше предноста за обезбедување пласман во следната рунда. Домашните фудбалери се обидуваа со шутеви од дистанца да го загрозат голот на „сините“ но сигурен беше младинскиот репрезентативец Давид Денковски не дозволувајќи гол во својата мрежа.

Можности во вториот дел за Брегалница имаа нововлезените Ѓокиќ и Мартин Стојанов, но на крај резултатот остана непроменет. Триумф на „сините“ за пласман во осминафиналето од Купот на Македонија.

КУП НА МАКЕДОНИЈА (1/16-финале)
ВОСКА СПОРТ - БРЕГАЛНИЦА 0-1 (0-1)

СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид. Стрелец: Додев 7' (Б).