Прв пораз сезонава - Трите бода останаа за Работнички во Скопје

Фудбалерите на Брегалница го запишаа првиот пораз во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига. Во 6. коло од шампионатот „сините“ загубија со 2-0 на гостувањето од Работнички, во натпревар во кој конечниот резултат не дава вистинска слика за односот на силите на терен.

Брегалница воопшто немаше инфериорна положба на теренот на гостувањето во Скопје, но по две грешки во дефанзивата дозволи домашните да дојдат до трите бода.

Составот на Марјан Секуловски подобро го почна натпреварот од противникот со континуирана иницијатива низ која се издвоија неколку шанси на Алтипармаковски и Ѓокиќ, но Работнички по брз контранапад и среќен погодок со гради на Лука Станковски во 28. минута дојде до водство.

Во првиот дел шанса за Брегалница имаше и Азиновиќ по обидот со глава но остана нереализирана.



Во второто полувреме еднаква слика на теренот. Повторно агресивна игра на „сините“. Одлична шанса и за Додев во 52. минута, но на вториот дирек осамен со глава биеше над голот на домашните.

Работнички казни во 83. минута повторно по еден брз контранапад, и прекршокот на Азиновиќ во шеснаесетникот на Денковски. Сигурен реализатор на ударот од белата точка беше Александар Ристевски за конечни 2-0.

Во следното 7. коло од ПМФЛ, на 19. септември, Брегалница ќе биде домаќин на Тиквеш.

ПМФЛ - 6. коло
РАБОТНИЧКИ - БРЕГАЛНИЦА 2-0 (1-0)

Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Стрелци: Лука Станковски 28', Ристевски 83'(п)