Ескиќ: Оваа Брегалница на последниот меч покажа за што се има квалитет

По паузата поради репрезентативните активности фудбалерите на Брегалница во недела (12. септември) продолжуваат со прволигашките настапи. „Сините“ ги очекува ново тешко гостување во Скопје, овој пат против тимот на Работнички.

Огромен е мотивот за ново надигрување кај избраниците на Марјан Секуловски по победата над лидерот Академија Пандев на претходниот дуел. Токму тој карактер на тимот, како што вели фудбалерот од средниот ред Никола Ескиќ, треба да биде пример и за следните натпревари на Брегалница.

„Мислам дека беше одличен натпревар против Академија, полн со пресврт и исклучително интересен за публиката. Го знаевме нашиот план од самиот почеток и во ниту еден момент не се откажавме. На крајот тоа ни се исплатеше, па како награда дојде победата“ - вели летното засилување на Брегалница, Никола Ескиќ, осврнувајќи се на мечот со струмичани.

„Токму тој карактер и тој пристап кон играта треба да не води и на следниот натпревар со Работнички. Покажавме за што се имаме квалитет, па сега во исто темпо треба да продолжиме понатаму. Мислам дека одлично се вклопив во Брегалница кој е максимално професионално организиран тим, сето тоа како дополнителен поттик за нас за успешни настапи понатаму“ - истакнува Ескиќ.

Натпреварот од 6. коло во ПМФЛ меѓу Работнички и Брегалница во Скопје се игра во недела (12. септември) со почеток од 16 часот.