Успешно реализирани подготовки на Златибор (ФОТО)

Фудбалерите на Брегалница заокружија повеќе од успешни десетдневни подготовки на Златибор, каде беа одиграни и четири квалитетни пријателски натпревари.

Шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски може да биде задоволен од реализираното во српскиот подготвителен центар каде „сините“ запишаа три победи, против црногорските Морнар и Искра Даниловград, како и против српскиот прволигаш Бачка Паланка, и едно реми (2-2) со Графичар од Белград.

По вчерашната победа против Бачка Паланка од 2-1, „сината експедиција“ денеска се враќа во Штип.

„Може да искажеме задоволство од реализираните подготовки на Златибор каде имавме одлични услови за работа овозможени и од хотел ’Паласид’, согласно и препознатливото гостопримство. Пред тимот, по враќањето во Македонија, сега е финалната фаза од подготовките за новата сезона“ - вели извршниот директор на Брегалница, Емил Тодев.

Брегалница низ последната фаза од подготовките ќе одигра и два пријателски натпревари, против Тиквеш на 28. јули, а генералката пред новата сезона ќе биде на 1. август против Силекс.