Дефинирани комплетните подготовки на Брегалница: Стартот на 21. јуни, централните подготовки на Златибор

Стручниот штаб и раководството на Брегалница го дефинираа комплетниот план и програма за текот на подготовките на тимот за враќањето во Првата македонска фудбалска лига следната сезона.

Првиот собир на „сините“ е закажан за 21. јуни во Штип каде ќе биде реализирана првата фаза од подготовките, се до преселбата на 28. јуни во Пехчево во тренинг-базата на спортскиот комплекс „Гогов“. На 3. јули во Пехчево е планирано и одигрување на првиот пријателски натпревар летово, против Борец од Велес.

Тимот на 10. јули се сели во српскиот туристички центар Златибор каде ќе бидат реализирани централните техничко-тактички подготовки. На подготовките во Златибор предвидено е одигрување и на четири пријателски средби.

„На 11. јули договорен е пријателски натпревар со суперлигашот од Црна Гора, Морнар, а на 14. јули ќе следи и тестот со српскиот Графичар кој е предводен од поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски. Планирани се уште две пријателски средби на Златибор, но противниците дополнително ќе бидат одредени“ - информира извршниот директор на Брегалница, Емил Тодев.

По враќањето од Златибор, финалните подготовки пред стартот на новата сезона продолжуваат во Штип каде е планирано да се финишира со уште два пријателски натпревари.