Ристе Наумов става крај на кариерата, именуван за помошник на Секуловски во стручниот штаб

Една од најголемите легенди на штипскиот фудбал и поранешен македонски репрезентативец, Ристе Наумов става крај на играчката кариера. По одличната сезона во која како капитен ја предводеше Брегалница на патот кон враќање во прволигашкото друштво, 40-годишниот Наумов се одлучи да стави крај на кариерата и од следната сезона се приклучува на стручниот штаб на „сините“, како помошник на Марјан Секуловски.

„Ја реализиравме целта за враќање во Првата лига што секако беше и моја огромна желба. Сега, согласно и плановите, амбициите и целите на Брегалница, сигурно простор на теренот се остава повеќе на младите а јас се надевам дека ќе допринесам повеќе за дополнителен раст на сите нив преку ангажманите во стручниот штаб“ - вели Наумов.

Од Брегалница силно веруваат дека Наумов ќе биде од исклучителна важност за спортскиот дел од тимот во иднина, истакнувајќи силна желба за негова долга и богата тренерска кариера.

Наумов, кој е дете на фудбалската школа на Брегалница, во богатата играчка кариера има настапувано и за Цементарница 55, Вардар, кипарските Омонија и Етникос Ахна, словачка Трнава како и чешките Славија Прага и Виктори Жижков.