Секуловски: Брегалница се врати каде што и е местото - во елитата на македонскиот фудбал!

Шефот на стручниот штаб на Брегалница, Марјан Секуловски сосема очекувано не го крие задоволството од пласманот во Првата лига следната сезона, искажувајќи огромна честитика до фудбалерите, но и сите во клубот кои влијаеја и допринесоа за успесите низ актуелната сезона.

„Може да искажам отворени честитики за фудбалерите за победата денешна против Кожуф, за титулата во Втората лига и за пласманот во Првата лига. Но, треба да се честита и на администрацијата на клубот, стручниот штаб, менаџментот и сопственикот Кире Гогов, како и градот Штип, затоа што после четири години Брегалница се враќа таму каде што и е местото - во елитата на македонскиот фудбал“ - вели Секуловски.

„Сините“ на повеќе од доминантен начин се пласираа во Првата лига, на две кола пред крајот, без ниту еден пораз досега со 21 победа и само четири ремија.

„Имаме феноменална сезона со 21 победа и четири ремија, без ниту еден пораз. Верувајте нема клуб во светот кој не посакува такви резултати. Затоа уште еднаш сакам да им честитам на фудбалерите, затоа што тие се најзаслужните за овој успех. Сега е момент малку да прославиме, но ние преостануваат уште два натпревари до крајот на сезона на кои мора да останеме фокусирани и да ги одиграме како и сите досегашни, а за прволигашките планови ќе размислуваме по крајот на сезоната“ - дополни Секуловски.