Реми со Каменица Саса (1-1) на стартот од третиот круг во првенството

Фудбалерите на Брегалница по двете победи го запишаа првото реми во пролетниот дел од сезоната. На стартот од третиот круг во првенството, „сините“ во Штип одиграа без победник (1-1) со секогаш незгодниот состав на Каменица Саса.

Квалитетно прво полувреме одиграа избраниците на Марјан Секуловски. По почетното испитување на силите и неколкуте полушанси на „сините“, во 21. минута следеше погодокот преку Кристијан Ацковски кој од 20 метри шутираше убаво кон противничкиот гол, топката зафати еден од дефанзивците на Каменица Саса и отседна во мрежата, за 1-0 на Брегалница.



Во продолжението одлична шанса имаше и Ристе Наумов, но резултатот остана непроменет до крајот на првиот дел.

Во второто полувреме, главно цврста игра на средината од теренот. Во едно такво надмудрување, кога Брегалница не искориси неколку убави можности, гостите на крајот заслужено успеаја да дојдат до израмнување со голот на Благојче Иванов во 86. минута за конечни 1-1.

Бодовната разлика на врвот останува иста, откако и Тиквеш одигра без голови на дуелот против Слога Виница.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (19. коло)
БРЕГАЛНИЦА - Каменица Саса 1-1 (1-0)

Градски стадион во Штип. Натпревар без публика. Стрелци: Ацковски 21' (Б) - Иванов 86' (КС).

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (19. коло)
Брегалница - Каменица Саса 1-1
Кит Го - Победа 2-2
Тиквеш - Слога Виница 0-0
Кожуф - Плачковица 2-1
Осогово - Росоман 4-1