Брегалница е единствениот тим сезонава без пораз во двете второлигашки конкуренции!

Брегалница со натпреварот против Каменица Саса денеска од 15 часот на Градскиот стадион во Штип во 19. коло од Втората лига - Исток го почнува третиот, финален, круг во шампионатот.

„Сините“ предводени од Марјан Секуловски последниот круг од првенството го „трчаат“ со отворени желби за заокружување на целите од почетокот на сезоната - пласман во прволигашката конкуренцијата.

Во девет натпревари од вториот круг во првенството Брегалница забележа 8 победи и само едно реми (1-1) на домашен терен со Тиквеш. Од вкупно 18 натпревари сезонава, „сините“ имаат 15 победи и три нерешени исходи (48 бода) со вкупна гол разлика од 48-13 и седум бода повеќе од второпласираниот Тиквеш. Брегалница сезонава е убедливо најдобриот тим во двете второлигашки конкуренции, единствен без пораз во двете конкуренции. Во Втората лига - Запад на првото место е Скопје со 41 бод и гол разлика од 32-12.

Во Втората лига - Исток, составот на Марјан Секуловски е со најголем број постигнати голови а со најмал број примени погодоци.

Пролетниот дел Брегалница го стартуваше со две победи, 2-1 против Победа во Штип и 1-5 на гостувањето против Росоман во претходното коло.