Наумов: Саса секогаш е незгоден противник за нас, со максимален ангажман до победа

Брегалница со дуелот против Каменица Саса на домашен терен во сабота (13. март) го стартува третиот круг од натпреварите во Вторaта лига - Исток.

По убедливата победа од 1-5 на гостувањето против Росоман, мотивот меѓу „сините“ е на ниво повисоко во желбата од натпревар на натпревар да се демонстрира нов квалитет на патот кон остварување на целите.

Капитенот Ристе Наумов против Росоман запиша хет-трик, сега издвојувајќи се на врвот од листата меѓу најдобрите стрелци во Втората лига - Исток. Наумов верува дека екипата повторно ќе одигра согласно своето реноме, и ќе дојде до посакуваните нови три бода.

„Секако задоволни сме од начинот на кој дојдовме до претходната победа. Но, тоа е зад нас, а сите мисли сега се кон натпреварот со Саса. Тимот од Македонска Каменица секогаш бил незгоден противник за нас. Добро се сеќаваме на некои претходно меѓусебни натпревари и тоа треба да е поука за сите нас. Но, јасно е дека без разлика на противникот од спротивната страна Брегалница на сите натпревари оди на победа. Така ќе биде и во сабота“ - вели Наумов.