Убедлива победа против Плачковица (5-0)

Низ максимална доминација на теренот, Брегалница славеше убедлива победа од 5-0 (4-0) на пријателскиот натпревар против Плачковица кој се одигра во Нов Дојран.

Уште од самиот почеток на дуелот јасна беше распределбата на квалитетот на теренот. Одличен натпревар одигра Дарко Додев кој беше двигателот во играта на Брегалница во првото полувреме.

Веќе во 20. минута по нафрлањето на Додев од слободен удар, на вториот дирек највисок во скокот со глава Дарко Стојанов кој ефектно стрела за водство од 1-0. Во 23. минута, откако во противничкиот шеснаесетник беше соборен Додев, сигурен реализатор од белата точка за водство од 2-0 е Мартин Стојанов.

Во 30. минута нова убава акција и нафрлање од левата страна, а пред голот на Плачковица, офанзивецот Кудијан од десеттина метри погодува за 3-0. Во 39. минута и еден од најдобрите фудбалери на теренот, Додев и самиот се запиша во листата на стрелците за 4-0.

Во второто полувреме продолжи доминацијата на „сините“, а во 52. минута по едно одлично проигрување од длабочина погоди и нововлезениот Ристе Наумов за конечни 5-0.



Шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски денешниот натпревар се одлучи да го стартува со следниот состав: Петревски, Мирчевски, Д. Стојанов, Манев, Николовски, Бакрачески, Ацковски, Дујоски, М. Стојанов, Додев, Кудијан. Во вториот дел шанса добија и поголемиот дел фудбалери од расположивиот ростер на „сините“.