Додев го продолжи договорот, Дујоски - нов фудбалер на „сините“!

Брегалница продолжува со заокружувањето на играчкиот кадар за продолжението од шампионатот во Втората лига - Исток, и натаму водена од тенденцијата за професионални долгорочни договори со младите фудбалери.

„Сините“ ја продолжија соработката со 23-годишниот крилен офанзивец Дарко Додев, потпишувајќи нов професионален договор. Додев пред една година пристигна во Брегалница од редовите на Силекс, отворено демонстрирајќи ги фудбалските квалитети, по што следи нов меѓусебен договор за соработка.



Нов фудбалер на Брегалница е и еден од најдобрите фудбалери на Кит Го, 24-годишниот Владимир Дујоски кој треба да го засили средниот ред на составот на Марјан Секуловски.



„Продолжуваме со нашиот проект за професионални долгорочни договори со младите играчи. Како клуб, силно веруваме дека преку овој тип договори отворено покажуваме на сите наши фудбалери една стабилност и сигурност во тимот, јасно ставајќи до знаење дека се размислува на нив на подолг период, a градејќи притоа екипа темелена на млади и талентирани фудбалери“ - истакна спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев, по потписот на договорите со Додев и Дујоски.

Брегалница претходно потпиша професионален договор и со еден од најголемите македонски фудбалски таленти, Љупче Кудев, а ангажиран е и поранешниот репрезентативец, Муарем Муарем. Клубот, пак, по заеднички договор за прекин на соработката, се раздели со фудбалерот од средниот ред, Анес Османоски.