Секуловски: Задоволство од физичката подготвеност, следи финалната техничко-тактичка подготовка на тимот

По ремито со Беласица, фудбалерите на Брегалница веќе во среда ги чека нов пријателски натпревар, овој пат со Плачковица, преку кој стручниот штаб продолжува со темпирање на формата за стартот на пролетниот дел од сезоната во Втората лига - Исток.

Шефот на стручниот штаб, Марјан Секуловски е задоволен од физичката подготовка на тимот нагласувајќи дека сега останува да се финишира со тактичката “глазура“ пред продолжението на шампионатот.

„Навистина сме задоволни како фудбалерите се подготвени од физички аспект. Во тој дел исполнета е програмата, па останува техничко-тактичкото дефинирање на нијансите преку кои треба да бидеме препознатливи пролетва“ - вели Секуловски и дополнува:

„Имаме одлични услови за работа во Дојран. Одигравме неколку пријателски натпревари, од резултатски аспект може и подобро, но тоа сега не ни е во фокусот. Може да кажам дека се движиме во посакуваната насока, а во последните три недели од подготовките ќе се темпира формата за тоа што не очекува пролетва“.