Мартин Стојанов: И против Слога Виница мора да одиграме на максимално ниво

Фудбалерите на Брегалница по два гостински натпревари денеска во 7. коло од Втората лига - Исток повторно се враќаат на домашен терен. Од 15 часот на Градскиот стадион во Штип, „сините“ ги очекува пресметката со Слога Виница во желбата за продолжување на позитивната серија во новата сезона.

„По дербито со Тиквеш и добрата игра на гостински терен, како и победата во Пехчево со Кит Го, не очекува нов тежок натпревар против Слога Виница, екипа која заслужува максимален респект“ - вели еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, Мартин Стојанов, пред денешниот натпревар.

„Не смее да има никакво потценување, мора да одиграме на максимално ниво. Сепак, ме радува формата на нашата екипа која од натпревар на натпревар расте. На последните два натпревари постигнав два погодоци, меѓутоа воопшто не ми е важен индивидуалниот ефект но единствено играта на тимот и победите. Верувам дека и денеска ќе одиграме добар натпревар за три бода“.