Промовирано решението за новиот лик на Градскиот стадион во Штип (ФОТО + ВИДЕО)

Паралелно со резултатските амбиции на патот кон елитното друштво на домашната фудбалска сцена, максимално продолжуваат активностите и околу инфраструктурното комплетирање на Градскиот стадион во Штип кој треба да добие комплетно нов лик.

Фудбалската федерација на Македонија, во соработка со УЕФА преку „Хет-Трик“ програмата за развој на фудбалската инфраструктура, денеска официјално го претстави идејното решение за Западната трибина на Градскиот стадион во Штип.




Новиот стадион нѐ само што ќе стане пристоен дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил и вистинска можност за македонската репрезентација токму во Штип да биде домаќин на важни квалификациски натпревари во иднина.



Во проектот финансиран од Фудбалската федерација на Македонија предвидено е Западната трибина да има капацитет од 2.000 седишта, ВИП ложа и ресторан, простор за медиуми и за лица со инвадилитет, а во подтрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА.