Дарко Стојанов: Заслуживме и поубедлива победа во Гевгелија

Брегалница продолжува со победи на стартот од новата сезона во Втората лига - Исток. Значајна победа од 1-2 за составот на Добринко Илиевски во 3. коло на гостувањето против Кожуф во Гевгелија.

Централниот дефанзивец Дарко Стојанов е задоволен што тимот има позитивен старт на сезоната иако, како што вели, долг е шампионатот во кој „сините“ ќе мора буквално на секој натпревар да ги потврдуваат сопствените цели и амбиции.

„Исклучително важна победа за нас. Одигравме квалитетен натпревар со целосна контрола на играта во текот на сите 90 минути. Можевме да славиме и далеку поубедливо, и многу побрзо да го решиме прашањето на победникот, но не искористивме неколку 100% шанси. И кога не искористивме чисти можности, дојде казната од домашните преку нивната единствена шанса на мечот. Сепак, покажавме квалитет и карактер и повторно дојдовме до победата, сосема заслужено на жешкиот терен во Гевгелија“ - вели Стојанов.

Во следното, 4. коло, од Втората лига - Исток, Брегалница на домашен терен го пречекува тимот на Осогово.