Илиевски: Бодовите од Прилеп ни се императив

По пласманот во полуфиналето од Купот на Македонија, фудбалерите на Брегалница утре ги очекува нов предизвик во 16. коло од Втората лига - Исток, пресметката во Прилеп со Победа.

Шефот на стручниот штаб на „сините“, Добринко Илиевски верува во квалитетен натпревар во кој Брегалница влегува со желба за трите бода.

„Во позитивна атмосфера го очекуваме натпреварот со Победа, по онаа победа против Лабуништа и пласманот во полуфиналето од Купот. Натпреварот во Струга имаше висок ритам и многу голови, па посакувам во тој стил да биде и утрешниот во Прилеп. Ние на секој натпревар одиме на триумф, па така ќе биде и против Победа. Секако желбата е да одиграме квалитетно и да дојдеме до бодовите. Очекувам фер и коректна игра и од двете екипи“ - вели Илиевски.

Никола Костенчев од Скопје ќе биде главен делител на правдата на утрешниот натпревар, а ќе му помагаат сограѓаните Ицковски и Петров. Четврти судија е Бесар Абдули, исто така од Скопје. Делегат на натпреварот е Зоран Јовановиќ од Валандово.

Поради препораката од Владата за превенција од коронавирусот, натпреварот во Прилеп ќе се игра без присуство на публика.