Убедлива победа во Струга за полуфинале во Купот на Македонија!

Брегалница, по третпат во историјата на независна Македонија, ќе игра во полуфиналето од Купот на Македонија откако славеше и во втората четвртфинална пресметка против Лабуништа, овој пат повеќе од убедливо со 1-4 (0-3) на гостувањето во Струга. Па со вкупен резултат од 1-5 „сините“ си обезбедија место меѓу четирите најдобри во најмасовното домашно клупско натпреварување.

„Сините“ комплетно доминираа на натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Струга. Од самиот почеток стартуваше иницијативата на избраниците на Добринко Илиевски, па веќе во 23. минута следеше погодок за водство од 0-1. По корнерот на Додев од левата страна во домашниот шеснаесетник беше соборен капитенот Наумов. А, сигурен реализатор од белата точка - Мартин Стојанов.

Во 27. минута одличен шут има и Ацковски од 18 метри, но домашниот голман брани исфрлајќи во корнер.

Во 37. минута веќе 0-2 за нашиот тим. Извонреден контранапад почнат од Додев, кој го проигра Ацковски а фудбалерот од средниот мајсторски во празно го исфрли Мартин Стојанов кој од 16 метри прецизно стрела за дуплирана предност.



Во 41. минута нова одлична акција на Брегалница зачинета со гол со 0-3. Овој пат капитенот Ристе Наумов одлично асистира а Дарко Додев го постигнува својот прв гол во дресот на Брегалница.

Во второто полувреме, домашните во 52. минута по една мешаница пред голот на Талески преку Сунај Хасан успеаја да го намалат резултатот на 1-3. Но, тоа беше се од противникот.

По рутинска игра низ вторите 45 минути, голот за конечни 1-4 следеше во 87. минута. Одлично од корнер нафрли нововлезениот Иван Настевски, а највисок во скокот со глава Стојчевски кој ефектно ја тресе мрежата од голот на Лабуништа.



Во полуфиналето од Купот на Македонија, покрај нашиот тим, пласман обезбедија и Шкендија, бранителот на титулата Академија Пандев и екипата на Струга Трим Лум.

КУП НА МАКЕДОНИЈА - ЧЕТВРТФИНАЛЕ (реванш натпревари)
Лабуништа - БРЕГАЛНИЦА 1-4 (0-1)
Работнички - ШКЕНДИЈА 2-2 (1-1)
Ренова - СТРУГА ТЛ 1-2 (0-0)
АК. ПАНДЕВ - Шкупи 1-1 (1-0)
* Во заградите се резултатите од првите натпревари