Илиевски: Имаме добра серија, но мора на ист начин да ја финишираме есенската полусезона

Фудбалерите на Брегалница викендов со пауза од првенствените активности поради настапите на националните тимови во квалификациите за ЕП. Сето тоа носи повеќе простор за дополнително освежување и подготовка на тимот пред финишот на есенската полусезона.

Шефот на стручниот штаб на „сините“, Добринко Илиевски е задоволен од последните игри и резултати на тимот, потенцирајќи дека никако не смее да има опуштање на последните три натпревари низ кои ќе мора да се потврди добрата форма.

„Имаме навистина добра серија во првенството, а во Купот обезбедивме место меѓу најдобрите осум екипи во Македонија. Па, може да бидеме задоволни од игрите и резултатите изминатиот период. Посакуваме секако сето тоа да продолжи до крајот на есенскиот дел. На секој натпревар одиме на победа, и така ќе биде и на преостанатите три оваа есен. Јасно е дека оваа екипа поседува квалитет, а со напорна работа може да дојдеме до посакуваната цел“ - вели Илиевски.

Брегалница денеска од 13:30 часот, искористувајќи ја паузата во првенството поради репрезентативните настапи, во Битола ќе одигра пријателски натпревар со најдобрата екипа од Втората лига - Запад, Пелистер.