Триумф во Кочани, Брегалница повторно на челната позиција...

Брегалница повторно е лидер во Втората лига - Исток откако триумфираше со 1-2 на гостувањето против Осогово во Кочани, а искористувајќи го и поразот на досегашниот лидер Кожуф пред своите навивачи од Кит Го со 0-2. „Сините“ одиграа одлично второ полувреме по кое се дојде до посакуваните три бода.

И покрај доминацијата во првиот дел, домашните дојдоа до предност од 1-0 благодарение на автоголот на Јован Манев во 38. минута.

Но, сето тоа делуваше само дополнително мотивирачки за фудбалерите на Добринко Илиевски кој со агресивна игра од самиот почеток на вторите 45. минута веднаш покажаа дека се цврсто решени за обезбедување три бода од овој меч.

Најпрво во 52. минута по нафрлањето на Иван Настевски од слободен удар од десната страна, Андреј Ричков со глава ја затресе сопствената мрежа за израмнување на 1-1. По само пет минути, во 57. минута убава акција на Брегалница. Наумов шутираше од 16 метри, домашниот голман ја одби топката на која натрча Мартин Стојанов и од непосредна близина ја смести во мрежата за 1-2 и конечна победа.

По овој триумф Брегалница со 24 бода е не чело на табелата, во очекување на утрешниот натпревар на Беласица. Во следното коло, на 10. ноември, „сините“ во Штип го пречекуваат тимот на Питу Гули.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (11. коло)
ОСОГОВО - БРЕГАЛНИЦА 1-2 (1-0)

Градски стадион во Кочани. Гледачи: 1.000. Стрелци: Манев 38'(аг) (О) - Ричков 52'(аг), М. Стојанов 57' (Б).


РЕЗУЛТАТИ - 11. КОЛО
Осогово - Брегалница 1-2
Кожуф - Кит Го 0-2
Питу Гули - Каменица Саса 0-2
УТРЕ (13:30 ч.)
Плачковица - Тиквеш
Беласица - Победа