Против Осогово во Кочани, за продолжување на позитивната низа

Фудбалерите на Брегалница денеска од 13:30 часот во рамките на 11. коло од Втората лига - Исток гостуваат на Осогово во Кочани.

По претходните првенствени победи и пласманот во четвртфиналето од Купот на Македонија, по елиминацијата на Македонија ЃП, сосема јасно остануваат желбите во таборот на „сините“ за продолжување на позитивната низа. Но, и покрај се, избраниците на Добринко Илиевски без ниту најмало потценување патуваат во Кочани и покрај отворената фаворитска улога против Осогово. Напротив, постои максимална мотовираност за квалитетна игра преку која ќе се дојде до посакуваните три бода.

Дарко Стојчевски од Скопје ќе биде главен делител на правдата на натпреварот а ќе му помагаат сограѓаните Дарко Видиниќ и Милан Петров. Четврти судија ќе биде Дејан Младеновски. Делегат на натпреварот е Коле Митев од Кратово, а контролор - Љубе Ристевски од Демир Хисар.