Наумов: Нека биде вистински спектакл..., се разбира со наша победа на крајот

Брегалница утре ја очекува првиот вистински тест во новата сезона од Втората лига - Исток, во 5. коло од првенството дерби дуелот со најголемиот ривал за првото место, кавадаречки Тиквеш.

Искусниот капитен на „штипјани“, Ристе Наумов е повеќе од убеден дека ќе има вистинско уживање за сите љубители на фудбалот, посакувајќи на крајот сето тоа да заврши со освоени три бода за Брегалница.

„Верувам дека ќе биде вистински дерби натпревар на задоволство на сите наши навивачи но и искрени љубители на фудбалот од регионот“ - вели Наумов и дополнува:

„Мислам дека ќе биде неизвесен, тврд натпревар затоа што Тиквеш е навистина квалитетна екипа. Но, јас лично силно верувам во нашите квалитети во моментов и со поддршка од Фалангата верувам дека на крајот ќе стигнеме до посакуваната победа“.

Натпреварот меѓу Брегалница и Тиквеш на Градскиот стадион во Штип се игра утре со почеток од 19 часот.