Илиевски: Мечот со Саса како добра опомена пред дербито

Брегалница го запиша првото реми на стартот од новата сезона во Втората лига - Исток, во натпревар во кој „сините“ лесно можеа да стигнат и до посакуваните три бода. Сепак, на крајот се спасуваше и бод како опомена за продолжението од првенството...

„Имавме активна доминација на теренот на дуелот против Саса меѓутоа едноставно затаи и реализацијата. Но, и противничкиот голман беше на висина на задачата. Во секој случај треба да се извлечат и одредени поуки од оваа средба како опомена за следните натпревари. Продолжуваме понатаму, сега со уште понагласена желба пред дербито за зачувување на врвот од табелата“ - вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Добринко Илиевски.

Брегалница во четврток (19. септември) на Градскиот стадион во Штип во вечерниот термин од 19 часот, во рамките на 5. коло од Втората лига - Исток, ја очекува дерби пресметката со најголемиот конкурент за првото место, кавадаречки Тиквеш.