Неискористени бројни шанси, на крај за реми со Саса (2-2)

По трите победи во првите три кола на стартот од новата сезона во Втората лига - Исток, Брегалница за првпат ремизираше (2-2) во 4. коло на гостувањето против Саса во Македонска каменица. „Сините“ доминираа на натпреварот, но по неискористените одлични можности на крајот со бод се враќаат во Штип.

Иницијативата на Брегалница стартуваше од првата минута. По неколкуте почетни акции првата посериозна шанса следеше во 25. минута кога Бакрачески извонредно шутираше од 15 метри но домашниот голман Силјановски спречи погодок на „сините“.

Но, откако не беа реализирани неколку шанси следеше казната на спротивната страна. Саса поведе во 30. минута со голот на Ненад Нешовски.

И по водството на домашните, Брегалница продолжи со максималните напади. Најзрелата шанса следеше преку Анес Османовски во 45. минута кој шутираше од 20 метри, но домашниот голман повторно извонредно интервенира исфрлајќи во корнер.



Во второто полувреме веднаш далеку поагресивна игра на „сините“. И по серијата атаци израмнувањето следеше во 53. минута преку Пепи Ѓорѓиев. Стојанче Велинов одлично се ослободи од противничките чувари, нафрли пред голот на домашните каде Ѓорѓиев од 5-6 метри прецизно со глава за израмнување.

Сепак, Саса повторно доаѓа до предност од 2-1 со голот на Зоран Златковски во 70. минута, за да нововлезениот Ристе Наумов во 87. минута ги постави конечните 2-2.

Во следното, 5. коло, Брегалница со израмнето бодовно салдо ја очекува дерби пресметката со Тиквеш во Штип.

КАМЕНИЦА САСА - БРЕГАЛНИЦА 2-2 (1-0)
Стрелци: Нешовски 30', Златковски 70' - Ѓорѓиев 53', Наумов 87'


ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (4. КОЛО)
Каменица Саса - Брегалница 2-2
Тиквеш - Питу Гули 5-0
Кит Го - Осогово 1-0
Победа - Плачковица 2-5
Беласица - Кожуф 1-2