Јован Манев - момчето кое со игрите во синиот дрес веќе ја освојува домашната фудбалска сцена

Дефанзивецот Јован Манев е вистинско откритие за домашната фудбалска сцена на стартот од новата сезона. Одбранбениот фудбалер на Брегалница, без сомнение, е еден од клучните фудбалери на „сините“ на почетокот од новиот шампионат во Втората лига - Исток. Иако со само 18 години веќе е незаменлив дел од одбраната на Брегалница, добивајќи ја комплетната доверба на стручниот штаб.

Беспрекорната игра во одбраната Манев на стартот од првенството активно ја дополнува и со голгетерскиот сенс. Беше стрелец за Брегалница во 1/16-финалето од Купот, а последните две кола во шампионатот, на натпреварите против Осогово и денешниот на гостувањето против Питу Гули во Прилеп запиша два прекрасни погодоци, и на тој начин потврдувајќи го нескриениот индивидуален квалитет. Но, секогаш скромниот Манев за сето тоа заслугите ги пренасочува на тимот потенцирајќи дека условите кои им ги пружа новото раководство на клубот едноставно ги носат позитивните резултати.

„Овие игри и резултати воопшто не се случајни. Сето тоа е плод на работата на новото раководство кое ни овозможува одлични услови за работа, но и на макотрпната работа на тимот низ летните подготовки како и огромната поддршка која ја имаме од навивачите. Целата таа комбинација ги носи резултатите преку кои секако сакаме битка за влез во Првата лига“ - истакна Манев уште пред дуелот со Питу Гули.



Игрите на младиот дефанзивец на Брегалница кој во минатото беше член и на кадетската репрезентација на Македонија за фудбалери до 17 години, без сомнение, го водат и пред портите на У-21 репрезентацијата на Македонија. Со своите години има право за настап и во селекцијата до 19 години. Но, како што самиот нагласува, негово е единствено да продолжи со посветената работа во синиот дрес концентрирајќи се на успесите на Брегалница, а повикот за настап во младите репрезентации ќе дојде сам по себе...