Манев: Не го потценуваме Питу Гули, но нашата победничка серија мора да продолжи

Дефанзивецот Јован Манев на стартот од новата сезона во Втората лига - Исток веднаш се издвои како еден од најзабележителните фудбалери во составот на Брегалница.

Одличната партија против Осогово ја круниса и со прекрасен погодок, сега, како што вели, сето тоа за дополнителен мотив плус за настапите на следните натпревари.

„Овие игри и резултати воопшто не се случајни. Сето тоа е плод на работата на новото раководство кое ни овозможува одлични услови за работа, но и на макотрпната работа на тимот низ летните подготовки како и огромната поддршка која ја имаме од навивачите. Целата таа комбинација ги носи резултатите преку кои секако сакаме битка за влез во Првата лига“ - вели Манев.

„Сините“ утре во 3. коло ги очекува пресметката со Питу Гули на игралиштето Могила во Прилеп.

„Подготвени сме за тој дуел. Не сакаме да потцениме ниту еден противник но верувам дека ќе стигнеме до нова победа. Силно сакаме победничката серија да продолжи и во Прилеп“ - истакнува Јован Манев.

Брегалница од денеска ќе биде во Прилеп каде екипата ќе биде во карантин одработувајќи го и официјалниот тренинг пред утрешниот натпревар.