Пепи Ѓоргиев: Извонредната атмосфера во клубот максимално се рефлектира на резултатите

Пепи Ѓоргиев со два погодоци се издвои во убедливата победа на Брегалница против Осогово во 2. коло од Втората лига - Исток. Но, офанзивецот потенцира дека тимската игра, подготвеноста на секој поединец во екипата и одличната атмосфера која владее во клубот се причините за убедливиот старт на новата сезона.

„Одличната атмосфера и другарството кое владее во екипата дефинитивно се одразуваат и на резултатите во првите две кола од шампионатот и во првиот меч од Купот на кои запишавме три убедливи победи. Факт е дека сега секој наш противник е максимално мотивиран кога игра против Брегалница што јасно кажува за реномето на клубот. Така беше и против Осогово, екипа која навистина ја респектираме. Но, добро беше што рано го отворивме резултатот и потоа низ навистина добра игра успеавме да стигнеме до убедлив триумф. Среќни сме што приредивме убава претстава за нашите навивачи кои ни дадоа поддршка во голем број“ - истакнува Ѓоргиев.

Брегалница сега гостува на Питу Гули во Крушево...

„Ние максимално го почитуваме секој противник во првенството. Но, нашата цел секако е победа на секој натпревар, па така ќе биде и во Крушево каде ќе атакуваме на трите бода“ - вели крилниот офанзивец на „сините“.