Илиевски: Против Осогово дојде комплетниот наш квалитет до израз

На повеќе од убедлив начин Брегалница го одигра првиот натпревар пред своите навивачи во новата сезона, триумфирајќи со 5-0 во соседското дерби против Осогово.

Шефот на стручниот штаб, Добринко Илиевски секако е задоволен од изданието на своите избраници, иако потенцирајќи дека на терен и воопшто не било се така лесно како што изгледа од страна.

„Осогово е цврст, агресивен противник и ние тоа многу добро го знаевме уште пред натпреварот. Мора да признаам дека не беше се така лесно во првото полувреме, но со помош на навивачите кои навистина не понесоа брзо го скршивме отпорот на противникот. Потоа комплетниот наш квалитет дојде до израз и стигнавме до убедлива победа. Овој триумф секако мора да биде само дополнителен мотив за одржување на ритамот но и уште поквалитетни изданија во наредниот период“ - вели Илиевски.

Брегалница во следното 3. коло гостува на новиот второлигаш Питу Гули во Крушево.