Максимално активно со уредувањето на Градскиот стадион (ФОТО)

Максимално течат активностите околу комплетното уредување на Градскиот стадион во Штип. Поставување нова подни површина на Источната трибина на влезот на стадионот, но и на сите околни патеки, обнова и санација на сите потпорни ѕидови на стадионот, но и тампонирање на сите околни делови околу стадионот, се дел од активностите кои ќе следат наредниот период како стадионот би го добил неопходниот посакуван изглед за настапите на ФК Брегалница.

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски по денешната посета на Градскиот стадион уште еднаш ја потенцираше одличната соработка и со новиот сопственик на ФК Брегалница, Кирил Гогов кој несебично издвојува средства и за инфраструктурното подобрување на условите за работа на клубот.

„Сакам да искажам огромна благодарност до сопственикот на Брегалница, господинот Кирил Гогов кој несебично издвојува финансиска помош за подобрување на инфраструктурните услови на Градскиот стадион. Ние како општина започнавме со инвестиција на стадионот затоа што сме повеќе од свесни дека ФК Брегалница заслужува подобри услови. Токму поради тоа со поддршка од новиот сопственик на клубот општина Штип почнува со изградба на нови пристапни патеки, санација на потпорните ѕидови и тампонирање на дел од патеките во стадионот. Инвестицијата на Општина Штип за овие активности е околу 1,5 милиони денари“ - истакна градоначалниот на Штип притоа информираше дека општина Штип е во финална фаза и на подготовока за проект за изградба на комплетно нов стадион.




„Може да најавам дека за еден месец ќе го имаме проектот за Градскиот стадион во Штип готов, а тоа за изградбата на новите трибини, кога ќе го добиеме проектот ќе имаме целосна сума на чинење па ќе дадеме градежно одобрение и согласно финансиската конструкција ќе можеме веќе да размислуваме на пролет да започне рушење и изградба на една или две трибини на овој модерен комплекс кој го промовиравме на јавноста во тек на проектирањето“ - изјави Благој Бочварски.